Претходна статија
ЕЛЕМ сака модерна фасада на заедничкиот објект со ЕВН
Следна статија
Отворена „Кока-Кола активна зона“ на кејот на Вардар во Скопје

665 нови станови добиле одобрение за градење во септември

Објавено на 10.11.2017 во категорија Вести.

 

Инвеститорите го намалиле интересот за вложување во изградбата на нови станови во текот на септември 2017 година. Државниот завод за статистика регистрирал издадени одобренија за градење на 665 нови станови, со вкупна корисна површина од 55.192 метри квадратни. Споредено со идентичниот период лани, бројката на предвидени станови е намалена за 34,1%, додека нивната корисна површина опаднала за 29,4%. Деловните субјекти ја започнале процедурата за изградба на 484 нови станови, додека останатите живеалишта ќе ги градат физички лица.

 

Како и во однос на претходните месеци, изградбата на овој вид недвижности е фокусирана на двособните и трисобни станови. Намерите на инвеститорите биле да се изградат 238 двособни и 193 трисобни станови. Заедно со квадратурата, нема промени ниту во градовите каде што најмногу се градат нови станови. Скопскиот регион со 540 предвидени станови за градење останува најатрактивен за ваквите инвестиции. Притоа, најмногу одобрение за градење се издале од Општина Ѓорче Петров, каде во иднина ќе се издигнат 208 станови. По неа следуваат Општина Илинден со 160 и Општина Гази Баба со 120 предвидени станови за градење.

 

Според податоците на Државниот завод за статистика, во септември 2017 година се издадени 222 одобренија за градење, што е за 25,3% помалку во однос на истиот месец од претходната година. Предвидената вредност на објектите изнесува 3.575.789 илјади денари, што е за 29,7% помалку во однос на истиот период од минатата година. Од вкупниот број на издадени одобренија за градење, 141 (63,5%) е наменето за објекти од високоградба, 18 (8,1%) за објекти од нискоградба и 63 (28,4%) за објекти за реконструкција. Од вкупно 222 објекти, на 162 (73%) како инвеститори се јавуваат физички лица, а на 60 (27%) објекти инвеститори се деловни субјекти.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk