Претходна статија
Осум заинтересирани компании за концесија на македонските автопатишта
Следна статија
Нов објект на местото на Хотел Парк во Охрид

52 милиони евра за реконструкција и изградба на затвори

Објавено на 21.05.2010 во категорија Вести.

Објавен е почетокот на голема инвестиција со која ќе се решаваат пренатрупаноста и лошите услови во македонските казнено-поправни институции. Во КПД „Идризово“ ќе се рушат старите згради и со изградба на нови објекти со површина од 43.000 метри квадратни ќе се заголеми сегашниот капацитет од 900 на 1.510 лица. Затворот ќе добие ново приемно, затворено, полуотворено и здравствено одделение, како и нови одделенија во Женскиот затвор. Во „Шутка“ ќе се обноват објекти со површина од 12.235 метри квадратни, а вкупниот капацитет на установата ќе биде 634 осудени и притворени лица. Воспитно-поправниот дом во Тетово ќе добие површина од 2.640 метри квадратни со капацитет за 84 малолетни лица. Исто така  со објекти со вкупна површина од 5.500 метри квадратни и капацитет за 250 лица ќе се доврши и изградбата на затворот во Куманово.


Се предвидува градежните работи во четирите установи да стартуваат во првата половина на 2011 и да финишираат до 2015 година. Вкупната вредност на инвестицијата изнесува 52 милиони евра. Од нив 46 милиони се заем од банката за развој при Советот на Европа, за кој рокот за отплата е до 20 години со  грејс период од 5 години. Каматната стапка е варијабилана и во сегашни услови изнесува околу 1.2 до 1.3 проценти. Македонија во проектот ќе учествува со 2,5 милиони евра, а остатокот од средствата е од ИПА 2009 и ИПА 2010 фондовите и од Владата на Норвешка.