Претходна статија
Општина Центар ја реконструира улицата „Аминта трети“
Следна статија
25-та Меѓународна летна школа за архитектура во Крива Паланка

22,3 милиони денари за санација на средните училишта во Скопје

Објавено на 11.07.2016 во категорија Вести.

Скопскиот градоначалник Коце Трајановски денеска го посети средното училиште „Георги Димитров“, каде што во текот на летниот распуст се врши реконструкција на фасадата на објектот. Градот летово изведува градежни работи во 16 средни училишта за да ги подобри условите за изведување на наставата во образовните објекти. Од скопскиот буџет за оваа намена се издвоени средства во висина од 22.326.063 денари. Целокупниот зафат треба да заврши до почетокот на претстојната учебна година.

 

* Извор на фотографија: Град Скопје

 

 

Со новата термо фасада на средното училиште „Георги Димитров“ ќе се постигне заштеда на сметките за топлинска енергија за 60 до 70% во однос на минатото. За постигнување на оваа цел, во образовното здание веќе е спроведен проектот за гасификација. Покрај зафатот во овој објект, во текот на летниот распуст во СУГС „Никола Карев“ се реконструира фискултурната сала; во СУГС „Раде Јовчевски-Корчагин“ се реконструира подот во фискултурната сала; во СУГС „Јосип Броз-Тито“ се заменува внатрешната столарија; во СУГС „Орце Николов“ се работи на реконструкција на санитарните јазли; во СУГС „Васил Антевски Дрен“ се работи на реконструкција на прозорците; во СУГС „Марија Склодовска Кири“ се врши реконструкција на подот во училниците; во СУГС „Димитар Влахов“ се врши реконструкција на спортски терен; во СУГС „Браќа Миладиновци“ се работи на реконструкција на дворната површина во училиштето; во СУГС „Боро Петрушевски“ се заменува стариот покрив со ребраст лим на помошен објект-работилница; во СУГС „Зеф Љуш Марку“ се врши санација на покривот; во СУГС „Цветан Димов“ се реконструираат санитарните јазли; а во СУГС „Арсени Јовков“, „8 Септември“, „Здравко Цветковски“ и „Лазар Танев“ се санираат подовите.