Претходна статија
Кинотека на Македонија со нова музејска поставка и проект за Хавзи-пашините конаци
Следна статија
Почнува пријавувањето за субвенции за прозорци и сончеви колектори

20-тина објекти ќе куртулат од изведбата на „барокни“ фасади

Објавено на 01.02.2017 во категорија Вести.

 

Градот Скопје поништи три архитектонски Конкурси за менување на надворешниот изглед на околу 20 објекти во централното градско подрачје. За дел од нив не е поднесен ниту еден труд од архитектонската фела, со што автоматски е поништен распишаниот повик. За некои објекти биле поднесени трудови, но градската власт одлучила дека пристигнатите решенија не биле презентирани во согласност со барањата во конкурсната задача. Финалните резултати од архитектонските Конкурси распишани во 2015 и во 2016 година се објавени на веб-страницата на Бирото за јавни набавки.

 

 

Од „барокизација“ ќе куртули објектот на Стопанска банка во склоп на ГТЦ изработен од архитект Благоја Колев, поранешниот објект на Комерцијална банка на архитект Славко Брезовски, објектите од Културниот центар-Скопје (банката и музичко-балетското училиште) на словенечките архитекти од „Биро 71“, две неидентификувани зданија од плоштадот „ВМРО“ и 11 објекти лоцирани на булеварот „Илинден“ (зградите со број 12а, 38, 40, 44, 47, 48, 50, 52, 63, 65 и 70), на потегот од седиштето на владата до Градскиот парк.

 

Од Град Скопје треба допрва да објаснат дали планираат да се откажат од менувањето на надворешниот изглед на овие објекти, или пак, планираат да распишат нови архитектонски Конкурси. Првичната намера со проектот „Скопје 2014“ беше да се промени ликот на оние објекти што се лоцирани на плоштадот „Македонија“, но со текот на годините бројката на признати архитектонски дела се искачи на речиси 100 зданија од различни локации во централното градско подрачје. Фасадите што беа замислени да се изведат во „барок“ и „неокласицизам“ се спонзорираа од државниот буџет, иако непосреден изведувач на проектот беше Градот Скопје.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.mk